| |
|
Социолошкото одделение е формирано
со основањето на Институтот, со задача да ги проучува: основните
општествени групи кои ја сочинуваат таа структура, критериумите
за нивните разлики, социјалната стратификација, структурата и функцијата
на религијата, социјалната мобилнсот, основните промени во економската
и просторната структура (деаграризација, индустријализација, урбанизација,
демографски промени) и фрагментираните и сегментираните тенденции
во општеството.
Политиколошкото одделение исто
така е основано заедно со основањето на Институтот. Програмската
ориентација на научниот интерес опфаќа систематско следење на политиколошката
мисла и проучувања на политичкиот систем, политичките институции,
политичките процеси и односи, а посебно прашањата за институциите
на демократијата, како и развивањето на методологијата на политиколошките
истражувања.
Центарот за менаџмент и развој
на човечките ресурси е основан во 1991 година, со првични (пионерски)
активности насочени кон одржување специјалистички курсеви по менаџмент,
а потоа и реализација на научноистражувачка дејност во доменот на
менаџерското образование како стратегија за премин во пазарна економија.
Центарот за етнички односи,
како организациона единица во рамките на Институтот основана 1991,
е единствената (би рекле) институција од ваков вид во земјата. Научноистражувачката
дејност на Центарот е насочена на прашањата на етничките односи
и политичката култура, етничката дистанца, религиозните и конфесионалните
разлики како фактор на зголемување на етничката дистанца и предрасуди,
национализмот - типови и интензитет итн. Исто така, Центарот активно
работи и на создавање на банка на податоци за етничките односи,
организирање семинари, конференции, тркалезни маси, како и експертска
помош на Владата и другите политички и невладини организации во
земјата.
Центарот за применета политика
и јавна администрација е формиран 1994 година и спроведува системско,
научно и интердисциплинарно проучување на стратешките проблеми со
кои се соочува Македонија и поширокиот регион. Тематски неговата
работа е фокусирана на процесот на креирање и спроведување на политиките
на централно и локално ниво, остварувањето на професионалната поддршка
на политичките структури во чија надлежност е донесувањето политички
одлуки и, секако, политичкиот менаџмент.
Центарот за криминологија,
како посебна организациона единица во рамките на Институтот, функционира
од 1994 година и се занимава со истражувања од областа на криминологијата
и социјалната патологија. Истражувањата се фокусирани на: феноменологијата
и етиологијата на криминалитетот воопшто и одделните видови на криминалитет
во Македонија, како и на социопатолошките појави од аспект на вреднување
на околностите од општествена, економска, политичка и културна природа
што доведуваат до нив.
Центарот за криминална политика,
делува како посебна организациона единица во рамките на Институтот
функционира од оваа година. Се занимава со истражувања од областа
на криминалната политика и пенологијата. Согласно со тоа, истражувањата
се фокусирани врз комплексот прашања од доменот на креирањето и
спроведувањето на политиката насочена кон превентивното и репресивното
сузбивање на криминалитетот од сите облици, како и на истражувања
од областа на ефикасноста на постоечкиот систем на мерки во тој
домен.
Центарот за комуникации, медиуми
и култура е формиан во 1995 година со основна научноистражувачка
дејност која опфаќа истражувања на најактуелните прашања кои го
опфаќаат односот помеѓу комуникациско-информативната технологија
и нејзиното влијание врз промените во културата, како и улогата
на медиумите во тој процес. Меѓу другото, Центарот е ангажиран и
во организирањето и реализирањето на меѓународни и државни конгреси,
симпозиуми, советувања, трибини и семинари.
Центарот за бегалци и присилни
миграции, чие формирање е силно помогнато од Високиот комесаријат
за бегалци на Обидентите нации, постои од минатата година со зацртана
цел: да ги мобилизира и ефектуира академските напори во истражувањето
на еден од најкритичните проблеми со кои се соочува светот денес,
а со кој се соочи и Македоинија - проблемот на бегалците и масовните
миграции. Истражувачките активнсоти во Центарот се фокусирани на
следните аспекти: право за бегалците (репатриација и азил), причини
и последици на присилните миграции, меѓународните миграции, социолошките
теории за меѓународните миграции, како и корс-културните психолошки
перспективи на проблемот на бегалците. Исто така, Центарот организира
и специјалистички курсеви во сферата на заштитата на бегалците и
присилните миграции за владини службеници директно инволвирани во
оваа сфера, како и: предавања, семинари, работилници, тркалезни
маси, конференции на локално и меѓународно ниво поврзани со оваа
проблематика.
Центарот за човекови права
е формиран во 1999 година, а во својата истражувачка дејност, како
што може и да се претпостави од неговото име, е фокусиран на истражувања
од областа на човековите права, или поконкретно, квалитет на остварувањето
на човековите права во земјава, инструментите на нивна заштита,
имплементацијата на релевантната меѓународна регулатива во националната
легислатива, обука на кадри кои ќе вршат дисеминација на знаењата
од областа на човековите права, пружање експертски услсуги, формирање
на база на податоци и библиотечен фонд од областа на човековите
права и слободи, организирање на семинари и конференции.
Одделението за информации и документација
(ИНДОК) е формирано во 1975 година. Информациско-документациската
дејност лоцирана во ова одделение се остварува преку прибирање,
систематизација и чување на документациски материјал и литература,
нивна обработка и опслужување на научните работници и другите заинтересирани
лица што се занимаваат со социолошки, политички, правни и други
општествени науки. Во доменот на надлежности на ИНДОК е и библиотеката
на Институтот со книжен фонд од повеќе од 8.000 наслови од повеќе
научни области и периодика. Во моментот, Институтот е во фаза на
радикална обнова на книжниот фонд (со планирани близу 1.000 нови
наслови) согласно предметниот фокус на центрите и општите стратешки
развојни насоки на куќата.
горе
|
|