
Психолошката Лабораторија при Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”- Скопје, на 02.07.2025год. го одржа ТРЕТИОТ НАУЧЕН СИМПОЗИУМ за промовирање на активностите на Психолошката Лабораторија и промоција и презентација на досега стандардизираните детски меѓународни психолошки тестови на македонски јазик на тема: „УПОТРЕБА НА ПСИХОЛОШКИ ТЕСТОВИ ВО ОБЛАСТА НА ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ФУНКЦИЈА НА ГРАДЕЊЕ НА РЕЗИЛИЕНТНОСТ И УНАПРЕДУВАЊЕ НА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ НА ДЕЦАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ во просториите на Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања. Симпозиумот беше дел од циклусот презентации наречен „НАУЧНА СРЕДА“, кој успешно се спроведува од самото негово постоење и е дел од настаните кои ја одбелжуваат 60 годишнината од постоењето на ИСППИ.
На симпозиумот учествуваа 45 учесници, од кои четири лица беа претставници од
Општините Бутел, Аеродром и Ѓорче Петров, три лица од раководството на
Комората на психолози на РМ, едно лице како претставник од
Министерството за образование и наука, три претставнички од
Македонската Асоцијација на применета психологија СИМБОЛИКУМ и
34 психолози од основни училишта од Скопје, Охрид и Велес.
Симпозиумот го отвори заменик директорот проф. д-р Јован Близнаковски кој ги поздрави присутните, се осврна на 60 годишнината од постоењето на ИСППИ, како и големиот број активности што се организираат во рамки на Психолошката Лабораторија.
Анита Азеска, раководител во Педагошката служба, МОН се заблагодари на поканата и ја истакна важноста на темата на која се организира овој трет симпозиум од страна на психолошката лабораторија.
Проф. д-р Мирјана Јовановска Стојановска, во својство на претседателка на Комората на психолози на РМ, како и на претходните два симпозиуми ја поздрави иницијативата и активностите на Психолошката Лабораторија. Го истакна и огромниот проблем со недостатокот на стандардизирани и адаптирани психолошки тестови на македонски јазик и даде поддршка на сите досегашни и планирани активности на проф. д-р Елеонора Серафимовска и проф. д-р Маријана Марковиќ.
М-р Јорданка Черепналкова Трајкоска, во својство на претседателка на Македонската Асоцијација за Применета Психологија- Симболикум се заблагодари на поканата, ја претстави МАПП и нејзините бројни активности, членството во Глобалната Психолошка Алијанса (GPA), соработката со Американската Психолошка Асоцијација (APA), како и проектот насловен „Психолошко тестирање на личносните димензии и емоционалната интелигенција на учениците во основните училишта со цел градење на ментална отпорност (резилиентност)“. Овој проект МАПП ќе го спроведува во соработка со проф.д-р Елеонора Серафимовска и проф.д-р Маријана Марковиќ, како авторки на македонската адаптација на психолошките тестови кои ќе бидат употребени во тестирањето.
Проф. д-р Елеонора Серафимовска и проф. д-р Маријана Марковиќ, во својство на кораководителки на ПСИХОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА-ИСППИ ја претставија работата и активностите на лабораторијата од нејзиното основање до денес, а потоа зборуваа за поттикот за започнување на проектот што ќе го спроведуваат со МАПП Симболикум како и податоците од неколку меѓународни студии за менталното здравје на младите.
Следеа искуства на 11 психолози кои учествуваа во прелиминарната фаза на проектот „Психолошко тестирање на личносните димензии и емоционалната интелигенција на учениците во основните училишта со цел градење на ментална отпорност (резилиентност)“, која се спроведуваше од февруари до јуни 2025 година. Кратки презентации имаа психолозите од селектираните училишта од Општина Ѓорче Петров, Општина Кисела Вода, Општина Бутел, Општина Г. Баба, Општина Аеродром, како и психологот од едно училиште од Општина Охрид.
Потоа следуваше официјално доделување на сертификати за поминат Тренинг на Тренери за примена на тестовите „Големите пет“ тест на личност на деца и БарОн коефициент на емоционална интелигенција“, како и сертификати за учество на обука за употреба на двата тестови.
Втората работна сесија се одвиваше со психолози кои ќе учествуваат во втората фаза на проектот. Оваа сесија ја модерираше Татјана Алексова-Славковска, психолог, психотерапевт, претседателка на Здружението на училишни психолози Психовизија.
На оваа сесија доц. д-р Емилија Бошковска во својство на претседателка на Секцијата за психолошки тестови при Комора на психолози на РМ го истакна недостигот на психолошки тестови на македонски јазик, зборуваше за активностите и задолженијата на Секцијата за психолошки тестови и испрати порака за сериозноста на кршењето на законот за психолошка дејност кога се употребуваат.
М-р Маргарита Николовска детално зборуваше за сите етички аспекти на психолошкото тестирање, можностите и опасностите од злоупотреба на психолошките тестови и несовесно и неодговорно користење на психолошки инструменти.
Проф.д-р Елеонора Серафимовска ја претстави работата на Психолошката Лабораторија во изминатите 15 години, досега стандардизираните и адаптирани психолошки тестови на македонски и албански јазик, ги претстави целите, фазите и очекуваните резултати на проектот „Психолошко тестирање на личносните димензии и емоционалната интелигенција на учениците во основните училишта со цел градење на ментална отпорност (резилиентност)“. Потоа детално ја опиша теориската позадина, методолошките карактеристики и структурата на тестот за личност на деца „Големите пет“.
Проф. д-р Маријана Марковиќ детално ја опиша теориската позадина, методолошките карактеристики и структурата на тестот за емоционална интелигенција за деца „БарОн коефициент на емоционална интелигенција“.
Во завршниот дел започна конструктивна дебата за корисноста и предизвиците со примената на двата тестови: „Големите пет“ тест на личност на деца и БарОн коефициент на емоционална интелигенција“.
Како што и се очекуваше, од искажаните размислувања и плодната дебата која се отвори симпозиумот ја покрена свесноста за важноста на правилната употреба на психолошките тестови во Република Македонија и воопшто важноста за научната размисла, но и професионалната и научна одговорност на психолозите во Република Македонија.