Студии од втор циклус по Политички науки

Студиската програма “Политички науки“ има за цел да им обезбеди на студентите продлабочено и сеопфатно разбирање на националните и меѓународните политички прашања, доктрини, процеси, текови, состојби, структури, актери, институции и односи. Цел на студиската програма е подигање на капацитетите на идниот академски, стручен и политички кадар во смисла на сознанија и аналитички вештини. Од особено значење е да се проследат не само теориите и еволутивниот развој на наведените политиколошки аспекти, туку и актуелните состојби и можности на Македонија во контекст на регионалните и глобалните политичко-правни процеси.

Основниот комплекс на изучување е насочен кон моќта, демократијата, државата, политичките системи, политичките идеи, институции и односи, меѓутоа е надополнет и со извесен интердисциплинарен пристап. Имено, современата политичка наука нужно е во сооднос со регулацијата и реализацијата на човековите права и другите правни категории, а ги факторира и допирните психолошки, филозофски, безбедносни, организациски и комуниколошки аспекти. Во сложеноста на политичките и економски процеси, карактеристични за Р.С. Македонија, но и за нејзиното меѓународно окружување, од особена важност е да се оспособат лица за подлабинска анализа и осознавање на ваквите процеси.

Фокусот на студиите е насочен кон современиот развој на државата и политичките системи, поради што студиската програма се карактеризира со широк пристап кон политичките процеси, а се посветува внимание и на процесите на донесување одлуки како и на релевантните општествени процеси на локално, национално и глобално ниво.

Магистрантите, по успешното завршување на програмата, се стекнуваат со звање магистер по политички науки со можност за кариера во различни области, како на пример: политика, образование, истражувачка дејност, јавна и државна администрација, медиуми, меѓународни организации, асоцијации на граѓани/невладини организации.

Првите студенти на оваа студиска програма се запишани во учебната 1967/68 година.

Знаење, вештини и компетенции со кои студентите се стекнуваат:

знаење и разбирање

Знае да креира емпириско истражување со соодветна употреба на методологија и има познавање на сите фази на истражувачкиот процес (подготовка, реализација, толкување на резултатите и пишување на истражувачки извештај). Покажува високо специјализирано знаење во областа на современите политички теории и практики. Се оспособува за самостојна анализа на теориските концепти. Се оспособува за оригинално и самостојно истражување, како и практична апликација на резултатите.

 

примена на знаењето и

разбирањето

Способност за анализа, примена на знаењето во врска со истражуваните феномени. Способност за продлабочена анализа на политичките настани, оспособеност за дебати, аргументиран настап и развој на спецификувани стратегии. Се специјализира за истражување на политичките појави и глобалните политики.

способност за проценка

Способност за критичка анализа на политичките ситуации и антиципација на одредени практики. Способност за критичко преиспитување на постоечки меѓународни и сопствени бази на податоци. Поставување на хипотетски модели и нивна критичка и аргументирана проверка во конкретни контексти.  

комуникациски вештини

Вештина за критичко преиспитување и анализа на постоечките научни согледувања во областа на глобалните политики, процена на политичките случувања низ прозмата на повеќезначноста на процесите на глобализација. Вештина за изработка на сопствени концепти и научна аргументација вградени во сопствени научни дела. Способност за менаџирање на проекти кои се занимаваат со истражување на современите политики. Способност за компаративна анализа на истражувачки податоци по хоризонтала и вертикала.

вештини на учење

Поседува вештина за самостојно истражување, организација и водство во проектни тимови. Има развиена способност за изработка на нови стратегии во областа на политиката со инкорпорирање и аргументација на релевантноста на постоечките сознанија од областа.

Раководител

Проф. д-р Бојана Наумовска bojana@isppi.ukim.edu.mk

Телефон за контакт 072275257