Европско општествено истражување 10 БРАН

Европското општествено истражување (ЕОИ) е меѓународно истражување за вредностите и ставовите на граѓаните за голем број теми релевантни за современите европски општества. Се спроведува во бранови на секои две години, од 2002 година, во повеќе од 35 европски земји. Оваа година истражувањето се спроведува за првпат и во Република Северна Македонија, а е финансирано од Министерството за образование и наука. 

Придонесот на ЕОИ за европската општествена наука е битен, бидејќи воведува ригорозност и високи стандарди во целокупниот обемен процес на подготовка и реализација на истражувањето, со постојана контрола на научната валидност. Тоа води кон подигање и на нивото на домашните научни тимови како и кон обезбедување на кредибилни податоци за креаторите на јавните политики.

ЕОИ има признаен највисок европски истражувачки статус од европските институции- Европски истражувачки инфраструктурен конзорциум (ERIC). Податоците од истражувањето, освен во академски цели, се употребуваат во работата на европските институции како Европската комисија и Европскиот парламент, како и од националните институции на земјите учеснички.

Десеттиот бран на цикличното истражување ЕОИ во Република Северна Македонија ќе го реализира Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, а за успешна реализација на слоевитоста на задачата и различните активности, националниот тим е составен од искусни научници/чки. ЕОИ има и своја национална мрежа во Р. Северна Македонија со претставници од јавните и приватните универзитети во земјата каде се проучуваат општествените науки. Национален координатор на проектот е проф. д-р Анета Цекиќ од Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања.

За повеќе информации, обратете се до ess@isppi.ukim.edu.mk или anetac@isppi.ukim.edu.mk.

 

 

Проф. д-р Анета Цекиќ

Национална координаторка на ЕОИ во Република Северна Македонија

acekic.jpg Проф. д-р Анета Цекиќ е редовен професор по политички науки на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и е национален координатор на Европското општествено истражување за Република Северна Македонија. Работи во ИСППИ од 2007 година. Дипломира на Одделот за политички науки на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2004 година. Магистрира во 2008 година на тема од областа на етничките конфликти на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, каде и докторира во 2011 година на тема од областа на интересни групи и лобирање во Европската Унија. Истражувачкиот интерес е насочен кон: интересни групи и лобирање, лобирање во Европската унија, европска политика и европеизација, демократизација, политичка партиципација и етнички конфликти. Учествувала во голем број меѓународни и домашни истражувачки проекти и проекти кои се занимаваат со воспоставување на истражувачка инфраструктура за општествените науки. Објавила голем број трудови во меѓународни и домашни научни списанија и публикации. Во 2010 година остварила едномесечен студиски престој на Универзитетот во Гент, Белгија, а во 2013-2014 година остварила постдокторски престој на Универзитетот во Салзбург, Австрија. Член е на Постојаната група за интересни групи при Европскиот конзорциум за политички истражувања. Раководител е на докторските студии по Демократија во услови на глобализација при ИСППИ. 

 

 

Проф. д-р Елеонора Серафимовска

eserafimovska.jpg Проф. д-р Елеонора Серафимовска, редовен професор на ИСППИ, родена на 2.7.1971 година во Скопје, работи во ИСППИ од 1996 година. Во 1995 година ги завршува студиите по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје, а со степен магистер по психолошки науки на истиот факултет се здобива во 2006 година. Во 2010 година го одбранила докторскиот труд на ИСППИ од областа на рецепциските студии. Истражувачкиот интерес на проф. Елеонора Серафимовска е во областа на комуникациите со фокус на масовните комуникации, политичката и социјалната психологија, а како резултат на тоа е учеството на голем број домашни и меѓународни проекти, како и научни конференции во земјата и во странство. Автор е на повеќе од 30 стручни и научни трудови објавени во домашни списанија или презентирани на меѓународните конференции. Во 2006 година е еден од основачите на Психолошката лабораторија при постдипломските студии на ИСППИ, а од 2012 е член на Комората на психолози на Република Македонија.

 

 

Проф. д-р Маријана Марковиќ

mmarkovic.jpg Проф. д-р Маријана Марковиќ е редовен професор и работи во Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања од 1998 год. Во 1992 година ги завршува студиите по психологија, а со степен магистер по психолошки науки се стекнува во 2002 година при Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2010 година успешно ја одбранила докторската теза од областа на комуникаците. Во 2020 година се стекнува со звањето редовен професор. Од 2006 година е еден од основачите на Психолошката лабораторија при ИСППИ.

Теорискиот и истражувачкиот интерес е во областа на интерперсонална комуникација, масовна комуникација, развојна психологија, психологија на морал, политичка психологија, комуникација во кибер просторот и комуникација во заедниците. Како резултат на тој интерес е учеството на голем број домашни и меѓународни проекти, учество на домашни и меѓународни конференции, како и објавени трудови во домашни и меѓународни списанија.

 

 

Проф. д-р Ганка Цветанова

gcvetanova.jpgПроф. д-р Ганка Цветанова е родена 1968 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во 1989 година. На истиот факултет магистрирала во 1994 година. Во 2006 година ја одбранила докторската дисертација под наслов: Културните разлики и општествената интеграција во Република Македонија на Институтот за социолошки и политичко-правни истра- жувања и се стекнала со звањето доктор по социолошки науки. Во 2009 година избрана е за професор на постдипломските студии по социологија при Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања, а во 2010 година се вработува во Институтот како вонреден професор и виш научен соработник. Во 2014 година е избрана за редовен професор во областа социологија, како и нови медиуми и демократија. Раководител е на Центарот за комуникации, медиуми и култура, како и на студиската група Културата во ерата на кибернетиката.

 

 

Вон. проф. д-р Весна Забијакин Чатлеска

vesna-zabijakin.jpgД-р Весна Забијакин Чатлеска е вонреден професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). Таа е доктор на организациски науки и менаџмент. Ангажирана е како предметен наставник на студиската програма од втор циклус студии по Менаџмент на човечки ресурси во ИСППИ, и тоа на предметите: Економика на трудови ресурси, Истражувачки методи во менаџмент на човечки ресурси, Системи за наградување, Претприемништво и Проектен менаџмент. Во рамките на Докторската школа на УКИМ, предава предмети на неколку студиски програми од трет циклус студии, меѓу кои се студиите по Организациски науки и управување (менаџмент); Социологија на организација; Социологија на опкружуваање и докторските студии на Богословскиот факултет.

Весна Забијакин Чатлеска била раководител на неколку национални истражувачки проекти и член на истражувачки тимови во повеќе национални и меѓународни проекти. Нејзините области на академски интерес вклучуваат методологија на истражување во општествените науки, стратешко управување со човечки ресурси, човечки капитал и претприемништво. Таа е автор на монографија со наслов „Стратешки практики за човечки ресурси: теорија и емпириски показатели“ (2018), објавена на македонски јазик. Коавтор е на бројни истражувачки студии. Има објавено повеќе научно-истражувачки трудови во домашни и меѓународни научни публикации.

Од 2015 година е вклучена во основните активности за воспоставување на Македонската архива на истражувачки податоци од општествените науки (МК АИПОН) при ИСППИ која сега е член на Европскиот конзорциум на архиви на податоци од општествените науки (CESSDA ERIC). Во моментов, е член на истражувачкиот тим на ИСППИ, одговорен за спроведување на национално истражување во рамки на 10-от бран на Европското општествено истражување (ESS ERIC).

 

 

Вон. проф. д-р Бојана Наумовска

bojana-naumovska.jpgД-р Бојана Наумовска работи како вонреден професор на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ насока политички науки, магистрирала на ИСППИ на постдипломските студии по политички науки, каде и докторирала и се стекнала со звањето доктор по политички науки. Активно е вклучена во наставата, на студиите од втор циклус ги предава предметите: Јавно мислење, Медиуми и политика, Изборни системи и политички партии, додека пак на  докторските студии предава: Методологија на научно-истражувачка работа со примена и примери во подрачјето на општествените науки (генерички предмет), Дизајнирање и спроведување на квалитативни истражувања (генерички предмет), Јавно мислење и опкружувањето. Во моментов е раководител на студиите од втор циклус Политички науки и човекови права.

Во своето досегашно работење учествувала во реализација на поголем број на проекти меѓу кои: Европско општествено истражување (European Social Survey), Известувањето на медиумите за уставните промени кои произлегуваат од Преспанскиот договор, Евалуација на ефектите за кадрите кои завршиле АСЈО, Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката во РСМ, Образовните предизвици кај помалите етнички заедници во руралните средини (надворешен експерт); Политичка култура; Перцепцијата на македонските граѓани за барателите на азил и мигрантите 2017/16/15; Erasmus+ Curriculum development Joint MA degree in European Political Science.

 

 

Доц. д-р Дритон Маљичи

driton-malici.jpgД-р Дритон Маљичи е доцент-доктор по социолошки науки при Институтот за социолошки, политички и правни истражувања - Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. Неговиот истражувачки интерес е фокусиран на образовната социологија, мултикултуризмот, општествената конфликтност и меѓуетничките односи. "The Persistence of Hope," (Истрајноста на надежта), збирка од 100 приказни за бегалската криза, е неговата прва книга. Тој бил дел од многу истражувања, настапувал на голем број меѓународни конференции и координирал голем број иницијативи за хуманитарна помош и правна помош за бегалците. Во времето на бегалската криза во Македонија од 2015-2017, бил координатор на проектот за психо-социјална подршка на бегалците воден од НВО Ла Страда. Исто така бил координатор на проектот за правна помош на бегалците воден од НВО ЛЕГИС. Освен што е дел на тимот на Европско општествено истражување (ЕОИ), исто така работи и во проектот за општествена конфликтност на Западен Балкан воден од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања.

 

 

Д-р Климе Бабунски

kbabunski.jpgД-р Климе Бабунски е советник за образование и наука на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје и координатор на теренското истражување на ЕОИ. Главни полиња на професионален интерес се: комуникациски политики и медиумски системи, слобода на информирање и слободен пристап до информации, јавно мислење и односи со јавност. Има учествувано во голем број домашни и меѓународни научноистражувачки проекти, фокусирани на повеќе области и теми, како: демократизација на медиумите и на политичката јавност, политичка, масмедиумска и меѓуетничка комуникација, транзиција и демократизација во општеството, корупција и неформални општествени структурирања, јакнење на граѓанското општество и слично. Во рамките на ваквата истражувачка активност се јавува и како автор на повеќе истражувачки студии и научни трудови.

 

 

Асс. д-р Јован Близнаковски

jovan-bliznakovski.jpgД-р Јован Близнаковски е асистент-истражувач во областа од политички науки и работи во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) од 2019 година. Има докторат по политички науки од Универзитетот во Милано, Италија, и магистратура од Универзитетот во Љубљана, Словенија. Додипломските студии по политички науки ги има завршено на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има повеќегодишно работно искуство во македонскиот тинк-тенк сектор и е автор на повеќе студии за меѓуетничките односи во Македонија, за политичкиот клиентелизам во општествата на Западен Балкан, како и на извештаите „Нации во транзиција“ на Фридом Хаус за Македонија за 2017-2021. Ко-уредник е на збирките „Ние наспроти другите: Симболички поделби во Северна Македонија“ (ЦИНИК Скопје, 2020) и „Political Clientelism in the Western Balkans. Collection of Papers” (ИСППИ Скопје, 2021). Во периодот 2014 – 2016 ја изршуваше функцијата програмски директор на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС).

 

 

Асс. м-р Милка Димитровска

milka-dimitrovska.jpgМ-р Милка Димитровска е асистент по предметите Право на ЕУ и Човекови права на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа ги завршува правните студии на Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, а  потоа се здобива со титула магистер по право по европски интеграции на ТЕМПУС програмата на Правниот факултет во Белград при Универзитетот во Белград. Димитровска е докторски кандидат на Меѓународно право и политика на Правниот факултет при  Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола каде неколку години била асистент-докторант со обемни наставни активности. Автор е на повеќе трудови, меѓу кои и монографијата „From Consociational to Majority Democracy in the Republic of (North) Macedonia”. Таа има дванаесетгодишна истражувачка кариера во полето на човековите права, демократијата, доброто владеење и европските политики и има учествувано во секоја фаза од истражувачки проекти – од нивната концептуална фаза до конечна реализација, вклучувајќи развивање методологија, теренска работа, подготовка извештаи, аналитичка работа итн.

 

 

М-р Теа Конеска-Василевска

М-р Теа Конеска-ВасилевскаМ-р Теа Конеска-Василевска е асистент-истражувач во областа на комуникациите и медиумите на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Во поглед на професионалната дејност, има и долгогодишно работно искуство во областа на медиумите и издаваштвото како координатор, уредник, јазичен коректор и рецензент.
Конеска-Василевска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност (научна насока), каде што се стекнала со стручниот назив дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност, добивајќи и пофалница за постигнат висок успех при студирањето. Магистрирала на групата Комуникации на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, со просечен успех 9,88, и се стекнала со стручниот назив магистер по комуникациски науки. Запишана е на докторски студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Ниш, Р. Србија, на ДАС Медиуми и општество на Департманот за Комуникологија, медиуми и новинарство.
Теорискиот и истражувачкиот интерес на Конеска-Василевска е во областа на комуникациите, медиумите, културата и лингвистиката и книжевноста како наука. Таа има работено на домашни и меѓународни научно-истражувачки проекти и учествувала на домашни и меѓународни конференции, а има објавено и неколку стручни и научни трудови во домашни и меѓународни списанија.
Конеска-Василевска е член на Европската асоцијација за комуникациски истражувања и едукација (ECREA) и на Мрежата на експерти од областа на комуникациите, медиумите и новинарството Global Risk Journalism Hub (GRJH).

Состојба
Активен