Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) – Скопје доби финансирање за нов научноистражувачки проект од Министерството за образование и наука на РС Македонија во рамките на Конкурсот за финансирање на научно-истражувачки проекти на државните универзитети-факултети/научни институти/МАНУ за 2025 година, како еден од 15-те финансиски поддржани проекти од општествените и хуманистичките науки.
На седми август 2025 година, во просториите на Министерството, официјално беше потпишан договорот за реализација на проектот со наслов „Хумана комуникација кај младите: аспекти, фактори и креативни начини на нејзино развивање“ од страна на министерката за образование, проф. д-р Весна Јаневска, тогашната директорка на ИСППИ, проф. д-р Бојана Наумовска, и раководителката на научноистражувачкиот проект, проф. д-р Елеонора Серафимовска.

Научноистражувачкиот проект „Хумана комуникација кај младите: аспекти, фактори и креативни начини на нејзино развивање“ се фокусира на истражувањето на хуманата комуникација – нејзините компоненти, факторите што влијаат врз нејзиното развивање, како и можностите за нејзина примена и унапредување, особено кај младите на возраст од 11 до 14 години. Основната цел е теоретско моделирање и практично тестирање на концептот на емпатична, општествено одговорна и креативна комуникација, како предуслов за квалитетни меѓучовечки односи, социјална кохезија и општа благосостојба.
Проектот тежнее да придонесе кон развој на инклузивни, партиципативни, одржливи и креативни научни практики, преку активно вклучување на младите во истражувачкиот процес – од дизајнирање на инструментите до анализа на податоците. Истовремено, се отвора простор за подлабока научна и јавна дебата за значењето на хуманата комуникација и нејзината улога во образованието, науката и поширокото општество. Овој проект претставува значаен чекор во насока на зајакнување на улогата на младите во општествените науки, што е во согласност со современите меѓународни заложби, вклучително и препораките на УНЕСКО и Националната стратегија за млади 2023-2027.
Проучувањето на аспектите и факторите на хуманата комуникација може значително да придонесе за продлабочување и проширување на научното знаење на неколку клучни начини:
- да придонесе за теоретски напредок: со истражување на основните компоненти на хуманата комуникација, истражувачите можат да ги усовршат постојните комуникациски модели и теории. На пример, интегрирањето на хуманите елементи во рамките на меѓучовечката, меѓукултурната или масовната комуникација може да доведе до посеопфатни модели што подобро ги одразуваат интеракциите во реалниот свет.
- да овозможи практични примени: сознанијата од оваа област можат да бидат искористени во образовните програми, практиките за решавање конфликти, интервенциите за ментално здравје и етиката (вклучувајќи ја и онаа медиумската). Ова не само што ја подобрува ефикасноста на комуникацијата туку и промовира благосостојба и социјална кохезија.
- да обезбеди етички и одговорни комуникациски рамки: ова истражување помага во развивање на етички комуникациски упатства во новинарството, политиката, бизнисот, културата и онлајн-дискурсот, промовирајќи демократски вредности и општествена одговорност.
- да овозможи справување со современите предизвици: во ерата на дигитални дезинформации, поларизација и социјална неправда, истражувањето за хумана комуникација обезбедува алатки за спротивставување на дехуманизирачките наративи, поттикнувајќи поинклузивен и конструктивен јавен дијалог.
Членови на истражувачкиот тим од ИСППИ:
- Проф. д-р Елеонора Серафимовска (раководителка на проектот)
- Проф. д-р Маријана Марковиќ
- Проф. д-р Ганка Цветанова
- Ас. м-р Теа Конеска-Василевска