
Проф. д-р Мирјана Најчевска се произнесе на темата: „Употребата на европското знаменце во извештаите на Европската комисија“.
Клучните поенти од излагањето се:
Злоупотребата на европското знаменце во Македонија е непосредно поврзана со скратената постапка за донесување на законите надвор од редовните демократски процедури и со квалитетот на планирањето на законските промени од страна на Владата.
Она што е замислено како начин за зголемување на ефикасноста во пристапниот процес станува еден од суштинските проблеми на владеењето на правото и функционирањето на демократските институции.
Ова е проблем на кој укажува Комисијата на ЕУ во извештаите за напредокот на Северна Македонија во ЕУ интегративните процеси.
Директорката на ИСППИ, проф. д-р Бојана Наумовска и доц. д-р Милка Димитровска се произнесоа на темата: „Анализа на исполнување на формалните критериуми на законите со европско знаменце (2023)“
Клучните поенти од излагањето се:
Во 2023 година се поднесени 166 предлози на закони, од кои 23 во редовна постапка (или само 14%). Со европско знаменце поднесени се 35 закони од кои 22 по скратена постапка. Најчест подносител на закони со европско знаменце и по скратена постапка е Министерството за финансии.
Наспроти обемните информации и упатства кои се изготвени во однос на доставување соодветна документација врзана за предлозите на законите, особено онаа која се однесува на содржината и транспонирањето на ЕУ правните акти, ниеден пакет документи не е комплетен (и кај посветените министерства, најчесто недостасуваат анализи во елаборацијата на причините за неусогласеност и делумна усогласеност). Во однос на формалните карактеристики поголема посветеност се забележува кај Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за култура.
Законите од пакетот “Бехтел и Енка“, АСЈО и Кривичниот законик во ниту еден случај не смееле да бидат процесуирани со европско знаменце затоа што не ги исполнуваат формалните критериуми, што значи дека не се разгледувани од соодветни матични комисии, а дополнително имат големи импликации врз правниот поредок и/или буџетот на државата.
Согласно Деловникот, Претседателот на Собранието има клучна улога во прифаќањето и проследувањето на законите со европско знаменце (претседателот е тој кој утврдува нецелосност на предлозите на закони и дополнителните документи). Допуштањето на употребата на европското знаменце за несоодветни закони и носењето на законици по скратена постапка, за Собранието значи откажување од дел од контролната функција која треба да ја има врз Владата.
Проф. д-р Јелена Ристиќ се произнесе на темата: „Компаративна анализа на практиките на други држави во Европа во однос на употребата на европското знаменце“
Клучни поенти од излагањето се:
Анализата на решенијата во неколку држави во Европа (држави-кандидати за членство во ЕУ и држави-членки на ЕУ), во однос на постапката која е предвидена за донесување на законите со кои се врши усогласување со правото на ЕУ, покажува дека, генерално, не би можело да се тврди дека е невообичаено да се предвиди скратена постапка за донесување на закони со кои се врши усогласување со правото на ЕУ, под точно определени услови, при што во такви услови е извесно дека може да се зголеми ефикасноста на процесот на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ. Сепак, истовремено може да се тврди дека се работи за исклучок, односно дека, генерално, за донесувањето на закони со кои се врши усогласување со правото на ЕУ е предвидена редовната постапка, а не посебна постапка која веќе сама по себе има определени ограничувања во однос на времетраењето на расправата. Имено, се чини дека тенденцијата позади ваквото регулирање на постапката е да се постигне соодветен баланс меѓу потребата за ефикасност на процесот на усогласување на законите со правото на ЕУ, од една страна, и квалитетот на донесените закони, од друга страна.