Теа Конеска-Василевска е родена во 1985 година во Скопје. Од 2020 година работи на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, почнувајќи како асистент-истражувач во областа комуникации и мас-медиуми, а од 2026 година како доцент во областа масовни комуникации. Во поглед на професионалната дејност, има и долгогодишно работно искуство во областа на медиумите и издаваштвото како координатор, уредник, јазичен коректор и рецензент.
Конеска-Василевска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност (научна насока), каде што се стекнала со стручниот назив дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност, добивајќи и пофалница за постигнат висок успех при студирањето. Магистрирала на групата Комуникации на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, со просечен успех 9,88, и се стекнала со стручниот назив магистер по комуникации. Со научен степен доктор на науки по комуникологија (културолошки студии и комуникологија), Конеска-Василевска се стекнала во 2026 година, по завршувањето на докторските студии на студиската група Медиуми и општество, во рамките на Департманот за комуникологија и новинарство при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Ниш, Р. Србија, со просечен успех 9,58, и по одбранетата докторска дисертација со оценка 10.
Во рамките на третиот циклус студии, во 2023 година Конеска-Василевска има остварено и студиско-истражувачки престој на Докторската школа за комуникации и уметности на Универзитетот во Роскилд, Данска, при Европската летна докторска школа по комуникации и медиуми, добивајќи грант од Европската асоцијација за комуникациски истражувања и едукација (ECREA). Исто така, во 2024 година, таа има остварено пократок студиско-истражувачки престој на Универзитетот „Гете“ во Франкфурт, Германија, на Школата за синтеза на знаења во рамките на КОСТ-акцијата „Партиципативни пристапи со повозрасни лица“ (CA22167: Participatory Approaches with Older Adults – PAAR-net).
Во текот на својата академска кариера, Конеска-Василевска има учествувано во национални и меѓународни научноистражувачки проекти, на домашни и меѓународни научни конференции и симпозиуми и во широк спектар на други наставно-научни, стручни и стручно-применети активности. Исто така, таа се има научно и стручно усовршувано и преку учество на разни симпозиуми и семинари/вебинари, како и во рамките на разни обуки и работилници. Конеска-Василевска има објавено научни и стручни трудови во домашни и странски, меѓународни научни списанија, зборници од конференции и научни монографии, како автор и коавтор.
Во поглед на наставно-образовната дејност, Конеска-Василевска е ангажирана на втор и трет циклус студии од полето на медиумите и комуникациите на повеќе задолжителни и изборни предмети: втор циклус – Вовед во комуникациски науки, Теории на масовна комуникација и Комуникологија со комуникациски теории; трет циклус – Комуникологија, Теории на масовна комуникација, Визуелна комуникација и култура, Медиумска историја и култура.
Конеска-Василевска е член на: Европската асоцијација за комуникациски истражувања и едукација (ECREA), Меѓународната асоцијација за медиумски и комуникациски истражувања (IAMCR) и Европската мрежа за културно наследство (EUROPEANA), како и на две КОСТ-акции (CA22167: Participatory Approaches with Older Adults – PAAR-net; CA23105: Language Plurality in Europe’s Changing Media Sphere – PLURILINGMEDIA). Покрај македонскиот, таа има одлични познавања и активно се служи со англискиот и српскиот јазик, а има и солидни познавања од германскиот, францускиот и шпанскиот јазик.
Е-пошта: tea.k@isppi.ukim.edu.mk
Линк до рефератот во Билтенот на УКИМ за последниот избор во звање:
https://archive.ukim.edu.mk/dokumenti_m/bilten/2026/1351-15.4.2026.pdf
Приемен ден за консултации: Среда од 11:00 до 13:00 часот