
Проф. д-р Јелена Ристиќ е насловен вонреден професор во наставно-научната област Човекови права и слободи на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, каде што во 2013 година магистрирала на тема „Принципот на заштита на човековите слободи и права во јуриспруденцијата на Европскиот суд на правдата”, во рамки на постдипломските магистерски студии по меѓународно право и меѓународна политика, насока меѓународно право. Истата година се запишала на докторски студии по меѓународно право и во 2016 година успешно ја одбранила докторската дисертација на тема „Правото на интелектуална сопственост и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права” и се стекнала со научен назив доктор на правни науки од областа на меѓународното право. Во 2022 година успешно завршила едногодишна постдокторска програма по нови технологии и право на Медитеранскиот меѓународен центар за истражување на човековите права при Универзитетот „Медитеранеа“, Оддел за право, економија и хуманистички науки, во Реџо Калабрија, Италија.
Нејзиното професионално работно искуство вклучува дваесетгодишно работно искуство во правната област, вклучително и во рамки на повеќе меѓународни организации и институции, меѓу кои се: Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Американската адвокатска комора Иницијатива за владеење на правото (ABA ROLI), Американската адвокатска комора Централна и источна европска правна иницијатива (ABA CEELI) и Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (USAID). Определен период работи и како извршен директор на Адвокатската комора на РСМ. Од 2018 година е заменик претседател на Адвокатската комора на РСМ и член на Управниот одбор на Адвокатската комора на РСМ. Исто така, таа е член на Програмскиот совет на Центарот за едукација на Адвокатската комора на РСМ и адвокат. Експерт е на Советот на Европа за повеќе области и сертифициран обучувач на Советот на Европа во рамки на Европската програма за образование за човекови права за правни професионалци (HELP). Во 2021 година е избрана за член на Консултативниот одбор на Европската програма за едукација за човекови права на правни професионалци на Совет на Европа (HELP). Со свои трудови и реферати остварила учество на педесетина научни и стручни собири во земјата и во странство. Била раководител и била вклучена како експерт во рамки на повеќе меѓународни и национални проекти во врска со реформите во правосудниот сектор, владеењето на правото и човековите права. Исто така, била и член на работни групи при Министерството за правда за изработка на закони, како и член на комисии за изработка на подзаконски акти. Автор е на четириесетина научни и стручни трудови, меѓу кои и неколку монографии.
jelena.ristic@isppi.ukim.edu.mk
https://www.ukim.edu.mk/dokumenti_m/bilten/2022/1255-15.02.2022.pdf