Одбележан јубилејот по повод 60 години од основањето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје

Одбележан јубилејот по повод 60 години од основањето

На 23 септември 2025 година, во Младинскиот културен центар (кино „Фросина“), се одржа јубилеен настан со Свечена академија по повод 60 години од основањето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под мотото „Наука во служба на општеството“, кое ги отелотворува идентитетот и мисијата на Институтот.

Основан во 1965 година со Одлука на Универзитетскиот совет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања претставува јавна научно-образовна институција која веќе шест децении е еден од темелите на општествените науки во нашата земја и учествува во градењето врски меѓу науката, образованието и општеството.

Настанот го водеше Борче Николовски, а го отвори Академскиот хор при АКУД „Мирче Ацев“ со интонирање на три химни: Државната химна на РС Македонија, Студентската химна „Гаудеамус“ и Свечената химна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На настанот, свои обраќања имаа директорката на Институтот, проф. д-р Бојана Наумовска, идниот директор на Институтот, проф. д-р Петар Атанасов, чиј мандат почнува од октомври 2025 година, како и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, и министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.
Во рамките на одбележувањето на јубилејот, Институтот додели благодарници во знак на признание за институционалната соработка и поддршка во развојот на Институтот, за долгогодишната соработка и поддршка во насока на наставната и научноистражувачката дејност и за поддршката во насока на одбележување на 60-годишниот јубилеј на организации, институции и поединци кои дале свој придонес и коишто се соработници и пријатели на Институтот.

На настанот, како гости беа присутни членови на академската заедница, претставници од државниот врв, владини претставници, претставници од државни институции и од други домашни и меѓународни институции и организации, како и од амбасади, студенти, соработници и пријатели на Институтот, а исто така и сегашните вработени и дел од пензионираниот кадар на Институтот. Гостите добија печатени примероци од Програмата на настанот, на којашто се наоѓа QR код преку којшто во дигитална форма може да се преземе јубилејната монографија подготвена по повод 60 години од основањето на Институтот.

По Свечената академија, која претставуваше формален дел од настанот, следуваше неформален дел, односно коктел проследен со музичка програма.

Фотографии од одбележувањето на јубилејот