Научноистражувачки проект „Мапирање на креативните индустрии во Република Македонија“

Креативните индустрии претставуваат еден од клучните двигатели на современата економија, поттикнувајќи иновации, претприемништво и отворање нови можности за вработување, особено за младите и талентираните. Тие не само што генерираат значајна економска вредност, туку и придонесуваат за културната динамика и меѓународната препознатливост на државата. Развојот на овој сектор овозможува услови за одржлив економски раст и зголемена глобална конкурентност.

Иако терминот креативни индустрии и понатаму се користи за означување на сектори како уметноста, дизајнот, медиумите и културната продукција, сè почесто се применува поширокиот концепт на креативна економија. Овој поим ја вклучува традиционалната креативна индустрија, но истовремено ја зема во предвид и пошироката улога на креативноста во процесите на дигитална трансформација, технолошки иновации и културната размена. На тој начин, креативната економија се наметнува како стратешки ресурс за современиот економски и општествен развој.

Токму поради нивното економско и општествено значење, креативните индустрии и поширокиот концепт на креативната економија сè повеќе се позиционираат како еден од клучните приоритети во културните политики. Тие повеќе не се гледаат само како дел од културниот сектор, туку и како стратегиски ресурс за развој што бара координиран пристап и институционална поддршка. Во овој контекст, културните политики треба да се стремат кон поддржување на креативниот потенцијал, истовремено создавајќи услови за негово одржливо искористување како во економијата така и во општеството во целина. 

Креирањето ефективни културни политики, особено во делот на креативните индустрии, мора да биде базирано на прецизно мапирање на состојбата на овој сектор во државата. Овој процес подразбира примена на однапред утврдена и научно верификувана истражувачка методологија, усогласена со меѓународно признати стандарди што се применуваат во земјите каде овој сектор е високо развиен. Само врз основа на релевантни и систематски собрани податоци може да се изработат политики што ќе одговорат на реалните потреби и ќе придонесат кон негов одржлив развој.

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, како единица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во изминатиот период се профилираше како релевантна научноистражувачка институција во областа на мапирањето на креативните индустрии. Во својата работа и сите претходно спроведени мапирања, Институтот применува современа и научно верификувана методологија, усогласена со меѓународни стандарди, со што обезбедува релевантна основа за креирање ефикасни и одржливи културни политики во овој сектор.

Во таа смисла, но и како резултат на Меморандумот потпишан од страна на Министерството за култура и туризам и УКИМ во сферата на истражувањето во областа на културата, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и Министерството за култура и туризам склучија договор за реализирање проект за мапирање на креативните индустрии во Република Македонија. Проектот ќе се реализира во период од две години. Целта на проектот е да се обезбеди целосна и систематизирана анализа на состојбата и потенцијалот на креативните индустрии, со примена на современи методи за собирање и обработка на податоци, што ќе овозможи креирање ефективни и одржливи политики и стратегии за развој на секторот. 


 

Членови на истражувачкиот тим:

  • Проф. д-р Ганка Цветанова (раководителка на проектот)
  • Проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ (кораководителка на проектот)
  • Проф. д-р Елеонора Серафимовска
  • Проф. д-р Маријана Марковиќ
  • Проф. д-р Мирјана Борота Поповска
  • Доц. д-р Блаже Јосифовски
  • Ас. м-р Теа Конеска-Василевска
  • Ас. м-р Тијана Ангова Хаџиева
Состојба
Активен