Д-р Јелена Таст е родена на 05.11.1978 година во Скопје, Р. С. Македонија. Таа е доктор по економски науки, доцент на Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Д-р Јелена Таст докторирала на Економски факултет, Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2014 година. Нејзината докторска теза била на тема: Ефектите од странските директни инвестиции во земјите во транзиција, со посебен осврт на Република Македонија. Постдипломските студии ги завршила на Националниот универзитет во Атина, Р. Грција, Факултет за правни, економски и политички науки, насока Југоисточно европски студии, во 2003 година, со стипендија од Пактот за стабилност при Европската Унија. Магистерскиот труд ѝ бил на тема Процесот на приватизација во Република Македонија. Дипломирала на Економскиот факултет, Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, отсек економија, во 2002 година.
Д-р Јелена Таст своето работно искуство го почнува како советник за економски прашања во Владата на Р. С. Македонија, во периодот од 2003 до 2006 година.
Од 2006 до 2017 година, својата кариера ја продолжува прво како асистент по економска група предмети, а потоа и како доцент од областа на економски развој и меѓународни економски односи.
Во 2021 година била назначена за државен секретар во Министерството за финансии и оваа функција ја извршувала сè до 2024 година. Во 2024 година, својот професионален ангажман го продолжува како посебен советник на вицепремиер во Владата на Р. С. Македонија.
Во 2025 година, д-р Јелена Таст е избрана за доцент на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во научната област економија.
Д-р Јелена Таст извршувала повеќе стручни активности во соработка со државни институции, како и со домашни и меѓународни организации. Таа била дел од работна група на домашни и регионални проекти и учествувала во изработка на национални документи и закони од сопствената област.
Д-р Јелена Таст била национален координатор на Програмата за економски реформи на Република Северна Македонија во два мандата, во 2022/2023 и во 2023/2024 година. Таа била член на Советот за борба против перење пари и финансирање на тероризам во периодот од 2021 до 2024 година, како и член на Работниот комитет за европски интеграции при Владата на РСМ од 2022 до 2024 година. Д-р Јелена Таст, исто така, учествувала во Програмата за сертифицирање на ревизори во јавниот сектор, како и во Програмата за формирање на академија за јавни финансии, во соработка со Center of Excellent Finance (CEF), Љубљана, Р. Словенија.
Д-р Јелена Таст има значајни остварувања во научноистражувачката дејност. Автор е на повеќе од десет научни и стручни труда објавени во домашни и меѓународни списанија. Истовремено, активно учествува на научни и стручни собири на национално и на меѓународно ниво. Своето знаење го надградува преку учество на обуки и семинари во земјата и во странство.
Истражувачкиот интерес на д-р Јелена Таст е главно насочен кон макроекономската политика, особено јавните финансии и меѓународната економија, со посебен фокус на транзициските земји, како и улогата на глобализацијата и економскиот развој.
Покрај македонскиот, мајчин јазик ѝ е и српскиот. Активно го говори англискиот јазик и има познавање од германскиот јазик.
Мажена е за Петрик Таст, мајка е на Макс и Мина.