Во рамките на четвртиот работен пакет на проектот JoPScip за развивање на заедничка магистерска програма по Политички науки, во периодот од 24 до 28 јуни 2024 година, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ беше домаќин и организатор на обемните обуки за наставници во областите на методологија, политичка теорија, компаративна политика и јавна политика и администрација.
Работните активности што беа организирани во рамките на овој проект „Еразмус плус“ покриваа: европски стандарди за обезбедување квалитет на заеднички студиски програми, методолошки и содржински осврт на дел од заедничката програмата за политички науки, резултати од учење и сл. Во рамките на програмата на настанот, експерти за обезбедување квалитет го обучуваа наставниот кадар во врска со најдобрите практики за формулирање резултати од учењето што во центарот ги ставаат потребите на студентите и ги подготвуваат за истражувачка и практична работа.
Во следните денови, работни групи составени од професори од партнерските универзитети во секој од наведените модули активно дефинираа резултати од учење во конкретните модули, опис на модули и предмети со конкретизирање на евентуалните силабуси, односно предметни содржини и наставни приоди.
Ова беше одлична можност професорите и истражувачите од овие дисциплини на политичките науки да разменат искуства во врска со наставата и својата научна работа, како и да договорат заеднички активности за гостински предавања и работа со студенти, кои ќе се реализираат во третата година на проектот.
Учесници во севкупните активности беа претставници на: Универзитетот во Салцбург, Грузискиот институт за јавни работи, Државниот универзитет во Тбилиси, Државниот универзитет во Ереван, Меѓународниот универзитет Евроазија, како и претставници на програмата „Еразмус“ и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.