Одржана работилница на тема „Хумана комуникација/човечна комуникација: Улогата на психологот во училиштата“ (10.12.2025, ИСППИ)

На 10.12.2025 година, во просториите на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, се одржа работилница на тема „Хумана комуникација/човечна комуникација: Улогата на психологот во училиштата“, под мотото „Да изградиме училишна клима каде што секој глас се слуша со почит и емпатија“.

Работилницата беше од затворен тип и на неа учествуваа дваесетина училишни психолози, како и неколкумина комуниколози. Таа се реализираше во рамките на акцијата Денови на психологија и на проектот „Хумана комуникација кај младите: аспекти, фактори и креативни начини на нејзино развивање“.

1

 

Програмата на работилницата беше структурирана така што овозможи постепено и продлабочено воведување во сложениот концепт на хумана/човечна комуникација. Во воведниот дел, акцентот беше ставен на меѓусебното запознавање на учесниците и на воспоставувањето правила за работа во група, со цел создавање на безбедна и поддржувачка работна атмосфера.

Првиот дел од работилницата беше посветен на теоретско и искуствено запознавање со поимот хумана/човечна комуникација. Преку когнитивна анализа, емоционално поврзување и симболично претставување, учесниците работеа на дефинирање и концептуализација на поимот, како и на идентификување на клучните аспекти и компоненти што го сочинуваат овој мултидимензионален феномен, во образовен контекст.

2

 

Во вториот дел, следуваше воведување и презентација на главните точки на проектот „Хумана комуникација кај младите: аспекти, фактори и креативни начини на нејзино развивање“, при што беа дискутирани истражувачките пристапи и деталите за спроведувањето на теренското истражување во училиштата предвидено за следните фази од проектот во 2026 година. Посебно внимание беше посветено на улогата на училишниот психолог во развојот на емпатична, инклузивна и хумана училишна клима, како и на можностите за практична примена на концептите во секојдневната училишна практика.

Работилницата заврши со согледувања, рефлексии и сублимирања, при што беа истакнати значењето на интердисциплинарниот пристап и потребата од понатамошни истражувања, партиципативни пристапи и креативни интервенции во насока на унапредување на хуманата комуникација кај децата и младите.