Во јуни 2024 година, на проектот JoPScip за развивање на заедничка магистерска програма по Политички науки, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје беше домаќин и организатор на колаборативните активности на модулите по методологија, политичка теорија, компаративна политика и јавна политика и администрација.
Во рамките на проектот, на 26 јуни 2024 година се реализираше информативен состанок во Ректоратот на УКИМ на којшто присуствуваа претставници од партнерските универзитети на овој проект „Еразмус плус“, како и претставници од Ректоратот. На средбата, проф. д-р Соња Топузовска, проректорка за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ги претстави Универзитетот, студиските програми и заложбите за интернационализација. Директорката на ИСППИ, проф. д-р Бојана Наумовска, ги претстави активностите на Институтот во врска со подготовката и реализацијата на заедничката студиска програма.
Претставници од Универзитетот во Салцбург и од ИСППИ ги презентираа клучните аспекти на JoPScip, структурата на студиската програма, како и плановите за нејзина акредитација, согласно Европскиот пристап за акредитација. Во овој контекст, беше направен и осврт на претходната успешна заедничка програма по Политички науки – Интеграција и управување (PoSIG), која повеќе години функционира на ИСППИ, Универзитетот во Салцбург и други академски партнери од Западен Балкан.
По презентациите, се разви дискусија во врска со предизвиците за воспоставување и имплементација на заеднички студиски програми, како значаен облик на меѓународна соработка и можност за домашните и странските студенти да ги прошират своите знаења и искуства преку студирање на врвни институции од земјата и од странство. Стана збор и за законските можности и постапките за акредитација на ваков тип програми пред европските тела за акредитација, како и пред Националниот одбор за акредитација на Република Северна Македонија.