Научноистражувачки проект: „Негирањето на посебноста на македонскиот јазик и политичката легитимност на македонската нација како форма на политички говор на омраза“

Иако живееме во 21 век, во ерата на човекови права и слободи, македонското прашање е сè уште предмет на жестоки политички дискусии, особено во рамките на Европската Унија. Имено, посебноста на македонскиот јазик и политичката легитимност на македонската нација се неретко оспорувани и негирани од страна на одредени политички елити на некои земји-членки на ЕУ, како и од дел од нивните академски заедници.

Негирањето на посебноста на македонскиот јазик и оспорувањето на политичката легитимност на македонската нација би можело да се категоризира како форма на политички говор на омраза и тоа од следните причини:

  1. Непочитување на правото на самоопределување;
  2. Културна маргинализација; 
  3. Прекршување на човековите права и слободи;
  4. Барања за историски ревизионизам; 
  5. Поттикнување на непријателство и предрасуди;
  6. Создавање на политичка траума на ниво на индивидуи и заедница;
  7. Поткопување на довербата во институциите на ЕУ.

Научноистражувачкиот проект „Негирањето на посебноста на македонскиот јазик и политичката легитимност на македонската нација како форма на политички говор на омраза“ има цел да ја реафирмира посебноста на македонскиот јазик и политичката легитимност на македонската нација. Истовремено, преку ова истражување треба да се утврди дека негирањето на посебноста на македонскиот јазик и оспорувањето на политичката легитимност на македонската нација претставува форма на политички говор на омраза. Истражувањето се стреми да даде релевантно гледиште на актуелните состојби и да поттикне понатамошни анализи и согледувања на оваа тема со цел обезбедување на поголем број информации од научниот свет. Овој научноистражувачки проект проблемот го разгледува од повеќе аспекти: политиколошки, социолошки, психолошки, комуниколошки, правен и лингвистички, односно неговиот пристап е сеопфатен во поглед на истражуваниот феномен.

Станува збор за емпириско истражување, а методологијата на истражувањето ги опфаќа следните техники, елементи и аспекти:


Истражувачки техники:

  • Анализа на содржина

      Предмет на анализа:

      – говорите на бугарските пратеници во парламентот на ЕУ, но и објавите на нивните официјални страници на „Фејсбук“

 

  • Критичка дискурзивна анализа

      Предмет на анализа:

      – пишани форми на комуникација (проза, поезија, музика, филм каде што се пренесува колективната траума)

 

  • Анкета: 

      Како се перципира негирањето на сопствениот јазик и на сопствениот национален идентитет

 

  • Интервјуа: 

      Траумата пренесена преку усната комуникација, раскажани лични приказни, сведоштва


Научноистражувачкиот проект „Негирањето на посебноста на македонскиот јазик и политичката легитимност на македонската нација како форма на политички говор на омраза“ се реализира од страна на истражувачки тим на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) во соработка со Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ (ИЦАЛ) при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во периодот од 2023 до 2025 година. За таа цел, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу ИСППИ и ИЦАЛ.


Членови на истражувачкиот тим од ИСППИ:

  • Проф. д-р Ганка Цветанова (раководител на научноистражувачкиот проект)
  • Проф. д-р Елеонора Серафимовска 
  • Проф. д-р Маријана Марковиќ 
  • Доц. д-р Милка Димитровска 
  • Асс. м-р Теа Конеска-Василевска (секретар на научноистражувачкиот проект)

 

Академска работилница: Посебноста на македонскиот јазик и политичкиот говор на омраза (21.11.2024, МАНУ)

 

 

Состојба
Активен