Научноистражувачки проект: „Проблематична употреба на интернет кај младите во Македонија“

Научноистражувачкиот проект „Проблематична употреба на интернет кај младите во Македонија“ се реализира од страна на истражувачки тим од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања составен од психолози, комуниколози и социолози, а е финансиран од средствата на интегративните функции на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Истражувањето настојува да даде објаснување на состојбите на проблематична употреба на интернет (ПУИ) кај младите преку преглед на истражувања што се реализирани во светот и кај нас. Основната идеја на научноистражувачкиот проект е да се утврдат факторите на ризик и протективните фактори што влијаат врз ПУИ согласно нивоата на социоеколошкиот модел:

  1. Индивидуално ниво: Да се проучи како карактеристиките на личноста се поврзани со ПУИ и какво влијание има полот. Да се проучи дали ПУИ е поврзана со интернализирање (самоповредување) или екстернализирање (социјална девијација). Појаснување до кој степен ПУИ ја попречува саморегулацијата (квалитетот на спиењето, зависноста од храна). 2. Интерперсонално ниво: 
    • А) Разбирање на степенот до којшто однесувањето на родителот, контролата, поддршката и мониторингот го спречуваат или го интензивираат проблематичното однесување на интернет.
    • Б) Појаснување на природата на поврзаноста на поддршката од врсниците со ПУИ.
  2. Социјална средина: Каква е улогата на училиштето и местото на живеење врз ПУИ?
  3. Какво влијание има пошироката средина врз ПУИ?

 

Проблематичната употреба на интернет има карактер на проблем од доменот на јавно здравство, а студентите на универзитетите, учениците од основно и средно образование претставуваат популација со висок ризик. Овој научноистражувачки проект има за цел да ги испита терминологијата, алатките за процена, распространетоста и предвидувачките фактори поврзани со овој проблем кај младата популација. Покрај проучување на факторите што влијаат врз појавата на ПУИ, истражувањето ќе биде насочено и кон анализа на различните пристапи во третманот што се покажале како најефективни, како и кон развивање материјали што ќе имаат за задача да ја подигнат свесноста за начинот на користење на интернетот.

Добиените податоци ќе бидат споделени со научната јавност во земјата и во странство, со практичарите, со родителите и со децата и адолесцентите. 

Културолошката адаптација и стандардизација на релевантни психолошки инструменти на македонска популација ќе им овозможи на практичарите соодветно мерење на ПУИ. Ова е од особено значење кога се знае дека во Македонија има голем недостиг од психолошки тестови адаптирани на македонска популација.

Главните цели на научноистражувачкиот проект се:

  1. Културолошка адаптација на релевантни мерни инструменти. Психолозите во Македонија се соочуваат со недостиг на психолошки мерни инструменти што се стандардизирани и културолошки адаптирани на македонска популација. Ова истражување ќе овозможи културолошка адаптација и стандардизација на инструменти што мерат проблематично однесување на интернет и проблематично играње на видеоигри. Покрај овие инструменти, културолошки ќе бидат адаптирани и следните скали:
    • Скала за семеен процес кај адолесценти (ADOLESCENT FAMILY PROCESS) AFP-SP;
    • Социјалната поддршка на децата и адолесцентитe (CLASSMATES SUPPORT) CASS;
    • Скала за резилиентност кај децата и младинците (RESILIENCE) CYRM;
    • Себеповредување (SELF-HARM);
    • Девијантно однесување (DEVIANT BEHAIVOURS) NDS;
    • Квалитет на спиење (SLEEP);
    • Исхрана (EATING BEHAVIOURS) YFAS.
  2. Преглед на релевантна литература, со особен осврт на истражувања што се спроведени за време и по завршувањето на пандемијата со КОВИД-19. При преглед на литературата, истражувачкото внимание ќе биде насочено на два периода: 1. од почетокот на препознавање и дефинирање на проблематичното однесување на интернет до прогласувањето на пандемијата со КОВИД-19; и 2. од почетокот на пандемијата до актуелно време.
  3. Преглед на истражувања и објавени трудови што се реализирани во Македонија соодветно на претходно наведеното.
  4. Анализа на податоци од претходно спроведено истражување „Улогата на семејството, врсниците, културата и пандемијата со КОВИД-19 врз зависноста од играње видеоигри и со неа поврзаните психолошки аспекти кај адолесцентите“ и споредување на податоците добиени во Македонија со податоците добиени од државите што учествуваа во проектот (Чешка, Словачка, Србија, САД, Чиле, Обединетото Кралство).

 

Така, фазите на истражувањето се следните:

  • Прва фаза:

Културолошка адаптација на психолошки инструменти.

  • Втора фаза:

Статистичка обработка на добиени податоци од претходно спроведено истражување, нивна анализа и споредба на податоците добиени во Македонија со оние на земјите што учествуваа во истиот проект.

  • Трета фаза:

Преглед на релевантна литература (странска и домашна).

  • Четврта фаза:

Анализа на добиени податоци (квантитативни и квалитативни) и подготовка на прелиминарен извештај од спроведеното истражување.

  • Петта фаза:

Подготовка на финална верзија на истражувањето, објавување на монографија и јавна презентација на добиените резултати преку низа настани.

 

Членови на истражувачкиот тим:

  • Проф. д-р Маријана Марковиќ (раководител на научноистражувачкиот проект)
  • Проф. д-р Елеонора Серафимовска
  • Вонр. проф. д-р Иван Блажевски
  • Асс. м-р Теа Конеска-Василевска

 

Состојба
Активен