На 14 мај 2025 година, во просториите на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа уште една Научна среда, традиционален настан на ИСППИ во чии рамки во изминатите девет години се презентираат резултати од спроведени научни истражувања, се промовираат изданија произлезени од истражувањата и се развиваат дискусии на значајни општествено-политички и општествено-културни теми. Оваа Научна среда претставуваше презентација на сознанијата и резултатите од научноистражувачкиот проект „Проблематична употреба на интернет кај младите во Македонија“.
Настанот го отвори директорката на ИСППИ, проф. д-р Бојана Наумовска, а свои презентации и излагања имаа членовите на истражувачкиот тим:
- Проф. д-р Маријана Марковиќ (раководителка на научноистражувачкиот проект) – Воведен збор и Заклучоци и препораки произлезени од истражувањето
- Вонр. проф. д-р Иван Блажевски – Социолошките импликации од проблематичната употреба на интернет и играњето на дигитални (онлајн) игри кај адолесцентите
- Ас. м-р Теа Конеска-Василевска – Комуниколошките импликации од проблематичната употреба на интернет и играњето на дигитални (онлајн) игри кај адолесцентите
- Проф. д-р Елеонора Серафимовска – Презентација на резултатите од истражувањето
На настанот беа присутни и рецензентите на монографијата произлезена од истражувањето, проф. д-р Петар Атанасов (ИСППИ – УКИМ) и проф. д-р Иван Трајков (Институт за социјална работа и социјална политика, УКИМ), како и дел од психолозите од училиштата каде што се спроведе анкетниот дел од истражувањето. Преостанатиот дел од учесниците беа со блиски професионални профили до темата на истражувањето, како и од разни академски области во рамките на општествените и хуманистичките науки, што придонесе за плодна дискусија што опфати повеќе аспекти.
Монографијата „Проблематична употреба на интернет кај младите во Македонија“ во електронска верзија е достапна на следниот линк: https://isppi.ukim.edu.mk/izdavastvo/istrazuvacki-studii/problematicna-upotreba-na-internet-kaj-mladite-vo-makedonija-2025



