НАУЧНО-ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТ: „КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА ОПШТЕСТВЕНИ СОСТОЈБИ И ПРЕДИЗВИЦИ НА БАЛКАНОТ“

НАУЧНО-ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТ:КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА ОПШТЕСТВЕНИ СОСТОЈБИ И ПРЕДИЗВИЦИ НА БАЛКАНОТ

 

(Научно-истражувачкиот проект „Компаративна анализа на општествени состојби и предизвици на Балканот е финансиран од УКИМ)

 

Научно-истражувачкиот проект „Компаративна анализа на општествени состојби и предизвици на Балканот“ ги анализира и изучува општествено-политиколошкo-организациските прашања, претпоставки и предуслови што се двигатели и носители на стабилен и одржлив општествено-економски развој во С. Македонија и на Балканот. Во услови на глобална безбедносна и стопанска нестабилност воспоставената општествено-политичка, безбедносна и стопанска реалност во С. Македонија и на Балканот континуирано се дообликува и преобликува под влијание на глобалните и локалните политичко-економски предизвици и тенденции што не секогаш се лесно разбирливи, како за пошироката јавност, така и за политичките елити и токму затоа е неопходно научните институции во РСМ континуирано да ги следат, анализираат, спознаваат, дефинираат и антиципират наведените тенденции што воедно претставува апсолутен предуслов за обезбедување стабилност, безбедност и одржлив долгорочен општествено економски развиток.

Во рамките на истражувањата во текот на реализацијата на научно-истражувачкиот проект „Компаративна анализа на општествени состојби и предизвици на Балканот“ беа поставени три базични цели како предмет на анализа. Во првата цел, насловена „Компаративна анализа на моделите на општествена интеграција, на рамномерниот регионален развој и на миграциските трендови во С. Македонија и на Балканот“, фокусот на истражувањето е насочен кон истражувањето на принципите на стратешката геополитичка стабилност, последиците од масовните миграции на населението, како и базичните политички заложби и легислативната рамка за обезбедување рамномерен регионален развој во С. Македонија и на Балканот.

Во втората цел, „Компаративна анализа на функционалноста на системот на јавно здравје и системот за јавното информирање соочени со актуелната КОВИД-19 пандемија во Македонија и на Балканот“, фокусот е ставен на истражувањето на потенцијалите на македонското општество но и потенцијалите на селектирани балкански држави за соодветно справување со последниците од пандемијата на болеста КОВИД-19 низ примери на функционалност и дисфункционалноста на здравствениот систем и системот за јавно информирање во периодот на пандемијата.

Во рамките на третата цел, „Компаративна анализа на состојбата со општествената одговорност на претпријатијата во Македонија и на Балканот“, фокусот е насочен кон можностите за создавање на соодветна средина за континуиран развој на корпоративната општествена одговорност на македонските претпријатија и претпријатијата од селектирани држави на Балканот како предуслов на општиот економски и општествен развиток на дадените држави.

Во рамките на проектните активности за реализација на истражувањата користени се квалитативни методски техники. Во рамките на анализата на секундарни податоци и преглед на литературата беа користени референтни истражувања и текстови произлезени од научно-истражувачки проекти, како и правни акти како закони, уредби, стратешки документи и други соодветни документи, со посебен осврт на јавните политиките во Македонија и во други селектирани балкански држави.

Во првата фаза на истражувањето беа анализирани досегашните сознанија за истражуваните појави, као и нивните соодветни теоретски разработки. Во втората фаза на истражувањето беа креирани соодветни инструменти за севкупна реализација на истражувачките активности. Во рамките на третата фаза беа анализирани добиените сознанија, и беа изработени извештаи со предлог препораки за политики и мерки.

Истражувањето овозможува стекнување на адекватни и курентни сознанија од областите суштествени за стабилноста и развитокот на современото македонско општество кое се соочува со бројни социо-економски и безбедносни предизвици поврзани со прашањата на стратешката геополитичка стабилност, масовните миграции и рамномерниот регионален развој, соодветното справување со последиците од пандемијата на болеста КОВИД-19 предизвикана од коронавирусот САРС-КоВ-2 и обезбедувањето на забрзан економски развој пред се по пат на зајакнувањето на општествената одговорност на стопанските субјекти. Посочените прашања се од исклучително значење за развојот на нашето општество, па од тој аспект податоците од истражувањето имаат есенцијално значење како за академската јавност така и за креаторите на јавни политики. Сознанија од посочените истражувања ќе претставуваат основа за градење на конкретни јавни политики, а воедно ќе претставуваат и основа за натамошни продлабочени академско-научни истражувања.

 

 

 

Членови на истражувачкиот тим:

Д-р Драгор Заревски, редовен професор, ИСППИ, главен истражувач

Д-р Панде Лазаревски, редовен професор, ИСППИ

Д-р Ружица Цацаноска, редовен професор, ИСППИ

Д-р Славејко Сасајковски, редовен професор, ИСППИ

Д-р Мирјана Борота Поповска, редовен професор, ИСППИ

Д-р Петар Атанасов, редовен професор, ИСППИ

Д-р Марија Топузовска Латковиќ, редовен професор, ИСППИ

Д-р Весна Забијакин Чатлеска, вонреден професор, ИСППИ

Д-р Иван Блажевски, доцент, ИСППИ

Д-р Дритон Маљичи, доцент, ИСППИ

Д-р Милка Димитровска, доцент, ИСППИ

М-р Блаже Јосифовски, асистент, ИСППИ

М-р Теа Конеска Василевска, асистент, ИСППИ

Состојба
Активен